ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО

Сместено во Преспанската Котлина, опколено со планините Баба, Галичица, Плакенска, Бигла и Горбач, Преспанското Езеро всушност се состои од две езера: Големо Преспанско Езеро (во кое се наоѓа тромеѓето на границите меѓу Република Северна Македонија, Грција и Албанија) и Мало Преспанско Езеро (во границите на Грција и Албанија).

Освен што е едно од најчистите езера во Европа, секоја година на шестмесечен престој ги вдомува пеликаните, на кои друштво им прават кормораните, лебедите и околу сто други видови птици.

Езеро сместено помеѓу два национални паркови

Околу езерото се наоѓаат заштитените национални паркови Пелистер и Галичица, како и паркот на природата Езерани, кој го сочинува и дел од езерото. Богато е со риба, а особено се познати преспанскиот крап и нивичката.

Езеро кое во себе го крие островот Голем Град

Вистинска природна реткост е островот Голем Град – со површина од само еден квадратен километар, преполна со бујна шумска вегетација, во која најбројни се дрвјата од ендемичниот вид фоја. Полусувите стебла на фојата, денес постари од илјада години, некогаш се користеле за изработка на чунови.

Меѓу народот островот е познат и како Змиски Остров, поради изобилството водни змии белоушки, но и отровниот поскок на неговата површина, во себе ги чува остатоците на средновековната црква Св. Петар со значајни фреско-сликарски композиции, како и ранохристијанската базилика од почетокот на минатиот милениум. Тој е вистинска атракција за љубителите на авантури, кои можат да стигнат до него со чамец.

Вистински природен резерват и археолошки рај.

Со своите недопрени песочни плажи, Преспанското Езеро ќе ви ја понуди сета својата убавина, спакувана во мирот понастрана од туристичките збиднувања и гужви.

Неговата живописната природа ги наградува туристите кои ќе го удостојат со своето присуство и внимание.

Проект за локална и регионална конкурентност. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.
„Оваа платформа беше изработенa со финансиска поддршка на Европската Унија. За содржината на оваа платформа единствено се одговорни Тренинг Институт Коцка - Скопје и Аква - Струга и таа не мора да ги изразува ставовите на Европската Унија“.