ОХРИДСКО ЕЗЕРО

Охридското Езеро е гордоста на Република Северна Македонија.

Најстарото во Европа и едно од најголемите. Езеро со раскошна природна убавина во совршена симбиоза со човечкото присуство, поради што е впишано во Листата на Светското наследство на УНЕСКО како дел од заштитеното „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“.

Ако го опишуваме со броеви, Охридското Езеро изгледа вака: со површина од 358,2 км2 и должина од 30,8 км, неговиот брег е долг 87,5 км. Со длабочина од 289 метри, водата е проѕирна до 22 метри. Идеално за нуркање!

Богатствата и убавините на езерото го надминуваат мерливото!

Но богатствата и убавините на езерото го надминуваат мерливото! Од стотина плажи распостелени покрај брегот, погледот ви се протега кон езерскиот бескрај или сопира во зеленилото на Галичица. Кога сте сред езеро, во кајче или брод, ја забележувате сета убавина со која природата го опкружува езерото налик на мајчина прегратка. Ве обзема спокојството на кротките бранчиња во мирни денови, а возбудува исконската моќ на водата кога ќе надојдат големите бранови.

Можете да го впивате шетајќи покрај брегот, можете да му се насладувате гледајќи го од високо, можете и да го изгубите од погледот, а сепак да го чувствувате. Магнетната сила најсилно ќе ја почувствувате ако појдете до прапочетокот, прво кај Билјанини извори, а потоа кај манастирот Св. Наум. Таму е најголемиот дел од површинските извори што го појат езерото со кристално чиста вода.

Езеро кое во себе го крие островот Голем Град

Ако ве мами внатрешноста на езерото, појдете на нуркање за да ги погледнете ендемските организми, како што е тркалезниот сунѓер или специфичното подводно растение „хара“. Нурнете во минатото во Заливот на коските и допрете ги остатоците и артефактите во вода од неолитната наколна населба, единствена од ваков вид на Балканот.

Водата на Охридското езеро постојано ја менува бојата во зависност од количеството и аголот на сончевите зраци што паѓаат на неговата површина. Онака како што се прелеваат крлушките на охридската пастрмка, заштитен ендемски вид на слатководна риба која можете да ја видите и на македонската монета од 2 денари. И, онака како што се бранува приврзаноста кон езерото со секое ново доаѓање.

Проект за локална и регионална конкурентност. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.
„Оваа платформа беше изработенa со финансиска поддршка на Европската Унија. За содржината на оваа платформа единствено се одговорни Тренинг Институт Коцка - Скопје и Аква - Струга и таа не мора да ги изразува ставовите на Европската Унија“.