Ресен

Ресен e најголемото населено место во областа Преспа и просто не може се зборува за него, а да не се зборува и за Преспа, областа што ја сочинуваат четириесетина села што го опкружуваат

Целиот предел има богато културно-историско наследство со траги од организиран живот уште од неолитот, тука минувала Виа Егнација и прошетал Крали Марко, па денес се гордее со 130 археолошки наоѓалишта и 95 цркви и манастири.

На езерскиот остров Голем Град можете да ги посетите остатоците од 7 цркви и базилики од 4-5 век со сочувани мозаици, а дел од неолитските и античките наоди ќе видите во музејот во Ресен. Преспа е местото на создавањето на првата средновековна македонска држава под водство на комитопулите Давид, Арон, Мојсеј и Самуил. Некогашниот град со името Преспа бил седиште и на архиепископот на Автокефалната македонска црква пред неговата преселба во Охрид. Во Преспа царот Самуил ја дочекал веста за поразот и ослепувањето на својата војска и таму починал од преголема болка.

Посебно богатство на овој крај е манастирската црква „Св. Ѓорѓи“ (1191 г.) во селото Курбиново, чии фрески, заедно со оние во скопскиот Св. Пантелејмон се импресивен пример од византиското фреско-сликарство. Во оваа црква и споменик на културата заштитен со закон, може да се види најстариот познат приказ на Св. Методиј во целиот славјански свет, како и исклучителната фреска на архангелот Гаврил позната како „ангелот од Курбиново“, која се наоѓа на банкнотата од 50 македонски денари.

Во историски документи од 14 век се појавува средновековна населба под името Росне која во 16 век, пак, се среќава како Ресне. Во 17 век, според записите на Евлија Челебија, во рамки на Османлиското Царство, Ресен израснува во касаба со чаршија, дервишко теќе, амам, ан и дуќани. Во 18 век оваа касаба станува мала градска населба, каде што почнуваат да се развиваат занаетчиството и трговијата, а ресенската чаршија прераснува во економски центар на Преспа.

Денес во Ресен сѐ уште можете да ја видите старата градска архитектура што делумно потсетува на куќите од европските центри. Од овие ресенски градби, со тераси, столбови, пиластри и фризови, ќе го почувствувате духот на градот што, на почетокот на 20 век, неговиот управител Ахмет Нијази бег сакал да го престори во „Мал Париз“. Од тој сон останале повеќе објекти, но најпознат е Сарајот на Нијази Бег, импозантно неокласицистичко здание, градено во периодот од 1904 до 1912 година, според фотографии од објекти во Париз. Сега е дом на најзначајните културни добра на Преспа – музејски збирки со наоди од археолошките локалитети, ликовни дела на Кераца Висулчева и изработки од познатата Ресенска керамичка колонија.

Ресен е особено познат по своите јаболка и деликатесите со јаболко, а низ Преспа до ден-денес можат да се пробаат традиционалните рецепти како аршлама, ѓомлезе, зелниците, питулици, циронки…

Ресен е место во кое лебди духот на мала средина, која е дел од големата приказна на Преспа и на „Големата Вода“ – спокојното Преспанско Езеро кое, иако секогаш во втор план во поглед на Охридското, ја имаа таа природна моќ и убавина да освојува од сенка.

Проект за локална и регионална конкурентност. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.
„Оваа платформа беше изработенa со финансиска поддршка на Европската Унија. За содржината на оваа платформа единствено се одговорни Тренинг Институт Коцка - Скопје и Аква - Струга и таа не мора да ги изразува ставовите на Европската Унија“.