Струга

Сместен во подножјето на планината Јабланица, Струга е град расположен на езеро и на река. И тоа не кое било езеро, туку најстарото во Европа – Охридското Езеро. И не која било река, туку Црн Дрим – реката што се раѓа од изворите кај Свети Наум, минува низ Охридското езеро и во самото срце на градот, истекува од езерото и се упатува на долг пат кон Јадранско море.

Струга е „Градот на мостовите“, како што го нарекла Ана Комнина, византиска принцеза и една од првите жени историчари. Познат и како „Градот на јагулите“, поради фасцинантната приказна за охридските јагули кои со милениуми мигрирале патувајќи низ Црн Дрим, пливале низ неколку мориња за да стасаат до Сарагаско Море – за да се размножат и да умрат таму, а нивните млади инстинктивно, по истиот пат, се враќале назад кон Струга. Оттука и старото име на Струга, Енхалон, што на старогрчки значи јагула.

Човекот си нашол убаво место за живеење на територијата на Струга уште во неолитот, за што говорат праисториските населби кај локалитетите „Уста на Дрим“ и „Црковни ливаѓе“, како и богатиот подводен археолошки локалитет „Врбник“. Низ времињата, владеењето над Струга преминувало од рацете на еден во рацете на друг владетел, при што секој оставал дел од својата култура како печат на градот за своето време. Сепак, градот цело време ја задржува својата смиреност, која како да доаѓа од јин-јанг односот на двете води, белината на Охридското Езеро и темнината на Црн Дрим.

Иако населена уште од неолитот, Струга добро живеела низ антиката, особено поради близината на Виа Егнација, патот што ги поврзувал двете Римски Царства. Еден негов дел сѐ уште можете да видите кај с. Радожда и кај Вевчани. Животот се одвивал непрекинато во наредните векови, а развојот и напредокот можете да ги видите низ христијанското наследство: од ранохристијанските базилики во селата Октиси и Радолишта со стари подни мозаици, преку црквите градени во средниот век и иконописи стари повеќе од 7 века, на чело со чудотворната икона на Св. Ѓорѓија во истоимената црква, до пештерните цркви градени тајно во турско време. Такви ќе најдете во манастирскиот комплекс Калишта и во близина на Радожда. Од ерата на Османлиската Империја, може да ги посетите малиот амам и „Халвети теќе“, заштитен споменик на културата.

Струга има уште еден многу важен епитет. Струга е „Градот на поезијата“ и домаќин на Струшките вечери на поезијата – најголемата светска поетска манифестација која, во чест на големите преродбеници, браќата Миладиновци, секоја година ги собира најзначајните поети од целиот свет и туристи кои сакаат да уживаат во современиот поетски збор.

Додека шетате низ прекрасната градска чаршија и богатиот пазар или покрај бреговите на езерото и шеталиштето на Дрим, Струга го внесува својот мир во вас. Во исто време, ве кани да пробате да  уживате во нејзиниот вкус преку локалните ресторани и слаткарници, за да го понесете со себе каде и да одите, како сеќавање на местото кое секогаш ќе ве влече да се вратите.

Проект за локална и регионална конкурентност. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.
„Оваа платформа беше изработенa со финансиска поддршка на Европската Унија. За содржината на оваа платформа единствено се одговорни Тренинг Институт Коцка - Скопје и Аква - Струга и таа не мора да ги изразува ставовите на Европската Унија“.