Приказната

За нас

Опис на тековната состојба на регионот
Охрид, Струга и Преспа

Главните атракции на Охрид, како најпопуларна туристичка дестинација во Македонија, се добро познати и за локалните посетители, и за туристите од соседните земји. Локалитетите на светското наследство се навистина добро промовирани од локалните туристички агенции, меѓутоа и пошироката дестинација на регионот на Охрид, Струга и Преспа, исто така, изобилува од локалитети со природно и културно значење, кои не се доволно промовирани и пласирани.

Оние т.н. скриени скапоцени камења, како што се мала рурална заедница, занаетчија во оддалечено планинско село, домаќинка што подготвува автентични рецепти за посетители и низа други – се токму тие што создаваат дополнителна вредност за збогатување на туристичкото искуство на посетителите. Ваквите атракции не се вклучени во традиционалните промотивни материјали и непостоењето место каде што може да се стигне до ова засега „скриено“ знаење, прави многу од нив да останат надвор од хоризонтот на посетителите.

„Охрид & Преспа То Гоу“

Краток опис на потпроектот

Туристичката дестинација на регионот на Охрид, Струга и Преспа изобилува од локалитети со природно и културно значење, кои не се доволно промовирани и пласирани. Информациите за нив се толку длабоко скриени меѓу локалните жители што за еден турист надвор од регионот или надвор од земјата се речиси недофатни.

За автентичните рурални заедници, занаетчиите или домашните готвачи информации нема ниту во традиционалните промотивни материјали, ниту пак на интернет. Исто така, информациите кои се однесуваат на различни настани, атракции, активности и локалитети во и околу дестинацијата се ограничени и некоординирани. Посетителите тешко стигнуваат до основни информации, како на пример насоки за локација, работно време или билети за влез, а да не зборуваме за пософистицирани онлајн-алатки како што се календари за настани, генератори на распоред/маршута итн.

А ова денес е особено важно, затоа што сè повеќе независни, домашни, регионални и меѓународни патници доаѓаат во сопствена режија, а не организирано преку туристички агенции.

Главната цел на потпроектот „Охрид & Преспа То Гоу“ е да ги пополни сите недостатоци во информирањето за тоа што го нудат дестинациите Охрид, Струга и Преспа на туристите, со цел зголемување на економската активност на дестинациите. Преку мобилната апликација Ohrid&Prespa2Go за андроид и IOS телефони и веб-платформата Lakes.mk, како „сè во едно“ туристички водич за избраната дестинација, овој потпроект има цел да се справи со ограничената онлајн-содржина за промоција и информирање на дестинациско ниво. Потпроектот ќе придонесе за подигнување на свеста за дестинацијата, но уште поважно, и за зголемување на мотивацијата на патниците за подлабоко истражување на регионот и неговите скриени богатства откако ќе бидат пристигнати.

Ohrid&Prespa2Go е џебен туристички водич за андроид и IOS, изграден за да им помогне на посетителите подобро да го организираат престојот во Охридскиот и Преспанскиот Регион и да им покаже како да извлечат најмногу од него. Апликацијата и веб платформата се изградени врз основа на база на податоци од над 360 локации (кафулиња, клубови, ресторани, музеи, историски локалитети итн.), што ќе ја направи совршен извор на информации за посетителите на оваа дестинација.

Спроведувачи на потпроектот

„Охрид & Преспа То Гоу“

Потпроектот „Охрид & Преспа То Гоу“ се спроведува во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), финансиран од Европската Унија преку инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА II), од страна на Институтот за обука КОЦКА од Скопје и здружението АКВА од Струга.

Институт за обука „Коцка“

Институтот за обука „Коцка“ од Скопје е непрофитно здружение на граѓани кое повеќе од 20 години работи на програми за зајакнување на капацитетите на здруженијата на граѓани, асоцијациите, националните и локални институции, меѓународните организации и бизнис-секторот, преку обезбедување обуки и електронски алатки за зголемување на нивната ефикасност и капацитет.

Здружение „Аква“

Здружението „Аква“ од Струга е формирано во 2006 година и работи на промоција и зајакнување на демократските процеси, развојот на граѓански активизам, волонтерство и промоција на локалните вредности на регионот.

Проект за локална и регионална конкурентност. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.
„Оваа платформа беше изработено со финансиска поддршка на Европската Унија. За содржината на оваа платформа единствено се одговорни Тренинг Институт Коцка - Скопје и Аква - Струга и таа не мора да ги изразува ставовите на Европската Унија“.