Охрид

Охрид се смета за најубавиот град во Република Северна Македонија, познат како „Град на светлината“ што е значењето на неговото античко име Лихнидос. Преполн со цркви, манастири и други христијански светилишта, светот го именува како Балкански и Европски Ерусалим. Поради сиот природен и историски раскош, градот со околината е впишан во листата на Светско наследство на УНЕСКО.

Во Охрид минатото и сегашноста живеат во слога.

Во Охрид историјата ви излегува пред очи со секој поминат чекор врз старите градски сокачиња… Научните докази велат дека постоел 2.400 години пред новата ера, а од неговата долга историја и богато минато, Охрид и денес гордо ги покажува белезите на времињата што поминале како вистински палимпсест на тоа што се случувало на неговата територија.

Во музејот на вода „Заливот на коските“, преку реставрираната наколна населба од доцното бронзено доба може да видите како се живеело пред 3 илјади години. Богатото археолошко наоѓалиште Плаошник ви дава слика за животот на старите жители на градот што, сè до 6 век од нашата ера, го носел името Лихнид (град на светлината), за почетоците на христијанството и улогата на Охрид како центар на сесловенската писменост каде, во 9 век Свети Климент ја основа Охридската книжевна школа, уште попозната како „Прв словенски универзитет“. Над градот деноноќно бдее Самуиловата тврдина и сведочи за средновековната историја и времето кога Охрид бил престолнина на Самуиловото Царство.

Денес, шеесетина цркви се остаток од едно време за кое славниот патеписец Евлија Челебија запишал дека Охрид има 365 цркви, по една за секој ден во годината. Од впечатливата охридска архитектура, пак, може да го почувствувате градскиот сензибилитет на луѓето кои до пред два века живееле покрај најстарото европско езеро. Можете да влезете во работилниците и дуќаните на бројните занаетчии, па да видите како се раѓаат нивните изработки – охридскиот бисер, филигранот, традиционалната изработка на хартија, резбата, иконописот.

Охрид е македонскиот бисер и туристичкото место број 1 во Република Северна Македонија.

Омилено место за одмор на Македонците, но и на луѓе од целиот свет. Охрид е тука за сите што сакаат да ги доживеат природните убавини на Охридското Езеро или на планината Галичица. Тука е вљубениците во културата, историјата, уметноста, археологијата, етнологијата – кои можат да се восхитуваат и истражуваат во слободни прошетки или организирани тури. Охрид гостопримливо ги отвора вратите на своите ресторани и на домовите на самоуки готвачи кои ќе ве понудат со превкусните локални специјалитети како тресена пастрмка со охридско макало, ѓомлезе, охридски чомлек, питулици, охридска торта… А, откако ќе вкусите и искусите сè и ќе ви преостане само да го почувствувате адреналинот што јури низ вените на Охрид, градот може да ви го понуди и тоа: со тури за возење велосипед по планина, пешачки екскурзии, параглајдерство, едрење, нуркање…

На крајот, Охрид ќе ве испрати посреќни, поисполнети и поубави.

Особено ако дозволите да ве накити со автентичните охридски бисери, кои можеи да ги подарите на блиски луѓе како покана и завет дека еден ден и тие ќе дојдат да го посетат.

Проект за локална и регионална конкурентност. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.
„Оваа платформа беше изработенa со финансиска поддршка на Европската Унија. За содржината на оваа платформа единствено се одговорни Тренинг Институт Коцка - Скопје и Аква - Струга и таа не мора да ги изразува ставовите на Европската Унија“.