Во најстарите извори кај Полибиј, во кои за прв пат се споменува античкото име на Охридското Езеро, се укажува на фактот дека при првата воена акција на овие простори, македонскиот крал Филип II наредил да се изгради утврдување на ридот над езерото. Остатоците од таа најстара тврдина се потврдени со археолошките ископувања кога се констатирани камени блокови, наредени од внатрешната и надворешната страна покрај северниот бедем на денешната цитадела, во правец југоисток-северозапад .Низ историјата тврдината била многу пати уривана, преградувана и доградувана така што таа носи белези од речиси сите историски епохи кога со Охрид господареле римјаните, византијците, словените и османлиите. Меѓутоа, се смета дека најголемиот дел од ѕидовите на цитаделата и подградието, заедно со зачуваните кули, датираат од времето на царот Самоил, од 976 до 1014, а потоа и на неговите наследници до 1018 година, кога Охрид бил престолнина на првата држава на македонските словени, заради што денес тврдината е позната како “Самоилова крепост”.