Во Охрид досега се откриени девет ранохристијански цркви, меѓутоа, секако најзначајна и со многу зачувани остатоци е огромната базилика во месноста Плаошник, која по својата раскошност и димензии не заостанувала зад највелелепните храмови од своето време подигнати во Цариград, Солун, Антиохија и Александрија. Оваа ранохристијанска базилика била создадена веројатно кон крајот на IV или почетокот на V век и има огромни димензии, скоро колку едно фудбалско игралиште.На сочуваните подни мозаици во оваа огромна и раскошна епископска црква, покрај разновидната геометриска и флорална орнаментика, се среќаваат и многубројни претстави на животни, особено птици.