Заливот на коските е реконструирана праисториска наколна населба од XII-VII век п.н.е., поставена над платформа која ја држат дрвени колци. Тоа е музеј на вода, каде во водата се поставени пронајдените остатоци од древното живеалиште, нуркачка база и реконструирана тврдина од Римското Царство од 3 век.На овој локалитет, на длабочина од три до пет метри се пронајдени остатоци од 6.000 дрвени колци, кои најверојатно потпирале заедничка платформа на која имало 20-тина дрвени куќарки. Според истражувањата, површината на населбата се простирал на 8.500 м2. Со оглед на тоа што биле изградени од дрва, трски и кал, живеалиштата биле подложни на пожари и биле често обновувани, на што се должи големата густина на колците (најдени се остатоци од изгорени дрва и јаглен). Платформата со копното била поврзана со подвижен мост, кој во текот на ноќта се подигал заради заштита од животни и непријатели.